Северна Македонија и Бугарија се блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи, рече во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски за време на заедничката прес конференција со неговиот бугарски колега, Кирил Петков.
Како што кажа Ковачевски, со Петков е договорено Бугарија да не ја проблематизира употребата на краткото име на нашата држава.
“Денес, како премиери на две блиски држави се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина. Денеска со премиерот Петков се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име – Северна Македонија, како и долгото име – Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија нема повеќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту еден меѓународен или билатерален процес и за тоа ги извести ООН“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека С Македонија исто така испратила нота до ООН во врска со употребата на нашето долго и кратко име.
„Во неа изречно се потврдува дека и двете имиња се еднакво валидни и се потврдува отсуство на каква било импликација врз територијиалниот интегритет на Бугарија“, рече Ковачевски.