Официјално Скопје вели дека не ги прекинува преговорите со привремената влада во Софија, иако се распишани други предвремени избори во Бугарија од кои би можела да произлезе политичка влада. Сепак, резултатите од овие преговори се во „статус кво“. Со месеци нема движење и некој конкретен чекор. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека и ЕУ и САД остануваат активно посветени на изнаоѓање решение.

Advertisements

„Никој не може да гарантира резултат од преговорите, бидејќи за нас нашите позиции се исто толку важни колку се што се важни за Бугарија нејзините позиции. Со Бугарија работиме билатерално. Комуникацијата е интензивна и континуирана, на ниво на експерти и министерства за надворешни работи и ние правиме напори во овој период кога нема политичка влада, да најдеме начини да постигнеме решенија прифатливи за двете страни“, рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Политичката сцена во Бугарија се менува од ден на ден, во време кога земјата е пред предвремените парламентарни избори на 14 ноември, во ист ден со редовните претседателски избори. Изборите се трети за неколку месеци и беа презакажани по три неуспешни обиди за формирање политичка влада.

Според последните анкети на Галуп објавени од бугарските медиуми, доколку изборите се одржат на почетокот на септември, ГЕРБ- би освоила 22,5% од гласовите, БСП 16,1% и „Демократска Бугарија“ 15,8%.

Сепак, рејтингот на поранешните привремени министри Кирил Петков и Асен Василев е во пораст. Петков дури и го помина поранешниот премиер Бојко Борисов. Рејтингот на Борисов е најнизок во историјата, 15,1% а на Петков 33,8%. Претседателот Румен Радев има највисок рејтинг меѓу бугарските политичари со 65,5%.

Претседателот Радев вчера повторно му ја додели функцијата привремен премиер на пензионираниот генерал Стефан Јанев. Привремениот кабинет на Јанев претрпе промени од претходниот состав во само три министерства.

Фатлуме Дервиши