Пишува: Атанас Величков

Вечерта по „положeниот испит“ со прославата на роденденот на најголемиот син на Македонија, Бугаринот Гоце Делчев, четворица општински службеници во Благоевград, го искршиле стаклото на просторијата, која еднаш неделно, за еден час, се отвора за да ги чува македонскиот фолклор и култура. Според тоа што го објави локалниот информативен сајт pirinsko.com, извршителите го сториле тоа, во знак на револт, поради проблемот што настана на граничниот премин Деве баир со Бугарите, кои беа попречувани со часови да влезат на територијата на РС Македонија, да отидат до Скопје и да положат цвеќе пред саркофагот со коските на Гоце Делчев. Истиот Гоце Делчев, за кого претседателот Пендаровски изјави дека се изјаснувал како Бугарин. Токму претседателот Пендаровски се пофали пред неговата колешка од Унгарија дека РС Македонија го положила испитот и не им дозволила влез во РС Македонија само на провокаторите, додека на сите останати им било дозволено да влезат во РС Македонија и да се поклонат пред Гоце Делчев.

Кршењето на стаклото на просторијата во Благоевград се случило вечерта на 4 февруари. Истиот ден на т.нар. меѓуграничен простор на преминот Ѓуешево-Деве Баир, еден квазиновинар од Бугарија се однесува недолично и ги навредува македонските полицајци. „Новинарот“ се вика Симон Милков, се шета со телефон и микрофон и глуми „независен гласник за маките бугарски“. Тој не е дел од приведените. Си ја завршил работата, ги нарекол македонските полицајци „стотинкаџии“ и после трагите му се губат. Од страна на полицијата на РС Македонија се приведени три други лица, меѓу кои еден обичен човек од Стара Загора и еден пратеник од проруската партија „Преродба“. Човекот од Стара Загора, освен тоа што поставувал прашања на висок тон, нема изречено ниту една навреда кон полицајците на границата. Нему му беше припишано, дека ги нарекувал припадниците на органите на редот „цигани“, нешто што не одговара на вистината, но беше објавено, буквално така од ТВ21. Во случајот се работи за лошо титловање на зборовите на човекот, кажани на источно бугарски дијалект „сига ни“- „Цигани“. Прашање е дали авторот на таа грешка ќе се извини. Човекот од Стара Загора вели дека му биле удрени шамари од страна на полицајците. Тоа најверојатно е дел од европското положување испит според претседателот Пендаровски. Инаку во случајот со Петко, така се вика човекот од Стара Загора, нема ништо европско, напротив, тој, како и многу други пред него, станал жртва на еден провокатор, кој дошол, си ја завршил работата, а некој друг го извлекол подебелиот крај. Типична балканска сторија, да не речеме македонско-бугарска.

Да се навратиме на „херојскиот чин“ на општинските службеници од Благоевград, кои веќе се идентификувани и најверојатно ќе бидат судени за хулиганство. Безпредметно е да коментираме, колку глупава е постапката на извршителите. Нив полицијата во Благоевград ги откри за неполни 3 дена од глупоста што ја направиле. Во меѓувреме сторителите на нападот со камења и вооружениот напад врз клубот на здружението „Цар Борис III“ во Охрид, сѐ уште се непознати за полицијата на РС Македонија. Многу е веројатно, тие никогаш да не бидат откриени. Овој испит РС Македонија не планира да го положи, а и веќе нема ни потреба. За нив важното е тоа, што Бугарија е таа, што се „однесува“ неевропски и бара различни начини за да „провоцира“.

Во своја колумна објавена во дневниот весник „Нова Македонија“ и насловена „Партибрејкерси“ колегата Сашо Таневски пишува дека Бугарија ќе докаже дека ги почитува своите граѓани со поинаква самосвест од бугарската, исто онака како што се грижи за граѓаните со бугарска самосвест во соседните држави, ако реагира брзо и институционално во врска со случајот во Благоевград. Бугарија го направи токму тоа, реагираше брзо и сторителите се откриени. Бугарија го направи тоа, затоа што е европска земја, што прави РС Македонија за да се европеизира е сосема друго прашање.

Брзата реакција од бугарска страна, се разбира дека нема да го наруши „редот и мирот“ на антибугарската хистерија во РС Македонија. За оние, кои не сакаат земјата да ги започне што побрзо преговорите со ЕУ, Џамбаски и Костадинов, секогаш ќе бидат оправдување за нивната жолчна омраза кон Бугарија. Никој нормален и не очекува признание, напротив сцената е премногу мала за тоа, а таму веќе е зафатен секој сантиметар и главната цел е стигматизацијата на Бугарите да продолжи со полна пареа. Стигматизација проследена со дволичното „да не бевте такви, знаете ли колку убаво ќе си живеевме“. Да не беа Бугарите „такви“ немаше да има проблеми со кровот и со струјата во салите, каде што ќе се поставеше претставата „Вражалец“ еден проект на Министерството за надворешни работи на Бугарија и Фондација „Бугарска памет“ на д-р Врабевски! Да не беа Бугарите такви немаше и системот на границата да „падне“, а претепаниот Христијан Пендиков преку ноќ да стане наркодилер.

РС Македонија, која како што рековме „европски“ си ги решава задачите, треба да се научи дека европски е и да не бара оправдувања за да не се соочи со сопствените несигурности и поделби внатре во земјата. Оти Џамбаски утре може би нема да биде европратеник и ќе нема плашило, кое да се мафта пред јавноста овде.

Системот во РС Македонија е осетлива работа, паѓа. Како да се среди истиот, треба да биде главната задача на припадниците на политичката елита во земјата. Лицемерието и изјавите од типот „ние да си се пофалиме“, па белки нѐ слушнат во Брисел, не вршат работа.

За крај да му одговориме на претседателот Пендаровски, зошто претставници на македонските Бугари одат во Софија и во Брисел за да зборуваат за своите права. Едноставно е, во Софија и во Брисел никој не се оправдува, а системот и покрај сите недостатоци работи. Дека системот работи Бугарија го докажа со брзата реакција за испраќањето помош за Турција по катастрафалните земјотреси, а и со брзото идентификување на „патриотите“ што го искршија стаклото на гаражата, на чие отворање беше присутен и Вашиот генерален секретар Миле Бошњаковски. Тоа се фактите! Неспорни, како бугарската етничка припадност на Гоце.

Доаѓа 4 мај. Прекрасна шанса за навистина европско однесување од страна на системот. Да се надеваме дека овој пат истиот нема да „падне“.