Бугарите по четврти пат во период од две години ќе гласаат на предвремени парламентарни избори. Денеска пропадна и третиот, последен обид за формирање на нова Влада во рамки на актуелниот парламентарен состав, по што бугарските социјалисти го вратија мандатот на претседателот на државата, Румен Радев. Тој пак, ја искористи можноста да ја искритикува работата на премиерот Кирил Петков.

Advertisements

„Владејачката коалиција ѝ го остави на техничката Влада хаосот во енергетиката. Кризата во енергетиката, која може да доведе до колапс на економијата и социјалниот систем е најтешкото наследство од оваа Влада“, рече Радев.

„Претседателот не запре да ја критикува оваа Влада уште од првиот ден и покрај тоа што тој ја создаваше основната партија во владата – „Продолжуваме со промените“. Сметаме дека тој е дел од групата која ја собори актуелната Влада“, рече Корнелија Нинова – претседателка на БСП.

Премиерот Петков пак, оцени дека за краткиот период додека бил на чело на Владата, успеал да постигне многу добри резултати.

„Колеги, ова веројатно ни е последната седница на Владата и затоа ќе имаме важни точки на дневниот ред за да ги решиме заедно. Сакам да ви се заблагодарам за целата работа којашто ја постигнавме во овие месеци, кои не беа лесни, но имаме и многу добри резултати со кои можеме да се пофалиме“, рече Петков.

Претседателот Радев во наредните денови ќе го одреди датумот за новите избори, а дотогаш државата ќе ја предводи техничка Влада, која тој самиот ќе ја назначи. До нови избори дојде откако од владејачката коалиција се повлече партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов, поради, како што наведоа, несогласувањата околу одлуката за зелено светло за евроинтеграцијата на Македонија и ребалансот на буџетот, по што Петков го загуби мнозинството во Собранието.

Лука Андреев