Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов стана втората партија која се откажа од мандатот да формира нова бугарска влада. Претседателот на државата Румен Радев ја повика ГЕРБ да се обиде да формира нов владин кабинет откако претходно пропадна обидот на партијата „Има таков народ“ која освои најмногу гласови на изборите во јули. Ниту едните, ниту другите немаат доволен број на пратеници, ниту пак, успеваат да добијат поддршка од другите парламентарни партии за да формираат некаква владина коалиција. Радев денеска формално му го даде мандатот на кандидатот за премиер од ГЕРБ, Даниел Митов, по што тој веднаш му го врати.
Почитуван господине претседател, како што веќе соопшти нашата пратеничка група уште на самиот почеток, за жал, не гледаме можност вториот мандат да биде реализиран…. Предлагаме вториот мандат да се смета за нереализиран – изјави Даниел Митов, кандидат за премиер.
Претседателот Радев сега мора да побара трета страна да се обиде да формира влада. Тоа би биле опозициските социјалисти, но извесно е дека ниту тие немаат доволно гласови. Потоа, единствена опција за Радев ќе биде да мора уште еднаш да го распушти Парламентот, да се формира привремена влада и да распише нови, овој пат, трети по ред избори за некој датум во следните два месеци.
Иван Блажевски