Пишува: Атанас Величков
Двете земји, за кои можеме слободно да кажеме дека се продолжената рака на диктаторот во Кремљ на Балканскиот полуостров и во Средна Европа- Србија и Унгарија се заканија дека „нема да го остават без адвекватен одговор непријателското однесување на Бугарија“. Како што веќе е познато Бугарија на 13 октомври, воведе данок/ такса врз рускиот гас, кој се доставува преку нејзината територија до трети земји. Белград и Будимпешта објавија дека потегот на Бугарија е „закана кон енергетската безбедност на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидатки“.
Овој сојуз против Бугарија на две земји, кои бескрупулозно го поддржуваат режимот на Путин, нѐ носи некако неусетно до една од омилените мантри на антибугарските кругови овде, сместени удобно и во власта и во опозицијата. Станува збор за т.нар. „правилна“ страна на историјата. Токму Бугарија е вечно осудената држава, која пред повеќе од 80 години ја одбрала „погрешната“ страна, станувајќи дел од силите на Оската. Денеска работите стојат далеку поинаку и тоа нема како да не предизвика гордост кај нас македонските Бугари. Бугарија ѝ покажа заби на Србија и направи многу важен чекор во зацврствувањето на својата позиција како предвидлив и надежен сојузник пред се во НАТО пактот и Европската Унија.
Доставата на руски природен гас за Србија и Унгарија помага во финансирањето на касапницата што ја започна Владимир Путин во Украина и поради таа причина потегот што го презеде Бугарија е за поздравување. Ако одредени земји (во случајот Србија и Унгарија), сакаат да бидат директни соучесници во убиствата што ги започна сатрапот во Кремљ, ќе треба да ја сносат одговорноста за тој чин, како финансиската, уште повеќе политичката и моралната.
Бугарскиот премиер Николај Денков изјави повеќе од јасно дека Бугарија има право да воведе данок за увоз и транзит на руски гас и додаде дека и покрај санкциите против Русија, на Србија и Унгарија им беше дозволено да увезуваат руски гас бидејќи немаа други опции. Такви опции веќе има, како што вели Денков и „рускиот гас не треба да ужива посебни преференции“. Токму тоа фаворизирање ќе треба да го платат Унгарија и Србија, бидејќи сакаат да седат народски кажано на две столици. Тоа важи и за двете земји, бидејќи едната е дел од ЕУ, а другата води преговори за да стане дел од истата Унија.
Нема како да ја занемариме и храбрата изјава на бугарскиот пратеник Венко Сабрутев, кој директно им кажа дека цевката преку која поминува рускиот гас е бугарска, платена од бугарските даночни обврзници и Бугарија има право да побара повисока такса за транзит. Сабрутев ги прати „големите државници“ Орбан и Вучиќ да бараат алтернативи за снабдување со така важниот за нив енергенс. Важен се разбира и за Путин и неговата болна амбиција да го врати светот во времето на пактот Рибентроп-Молотов и ужасот што се случи по истиот.
Бугарија застана гордо во одбрана на своите државни интереси и во одбрана на моралот. Таа одлука значи уште повеќе, ако се земе во предвид резултатот од последната анкета нарачана од Институтот „Отворено општество“ според кој 22 % од испитаниците сакаат сојуз со Русија. Позитивното во случајот е што тој процент паѓа, бавно, но сигурно.
Министрите Синиша Мали и Петер Сијарто ќе се координират, како да ја „казнат“ Бугарија за „непослушноста“, а пред еден друг политичар се отвора можноста да се докаже како вистински државник. По кој знае кој пат, судбината му се насмевнува на бугарскиот претседател Румен Радев, кој е на пат да добие шанса за „поправен“, по неговото стратешки промашено однесување пред украинскиот претседател Володимир Зеленски на домашен терен пред неколку месеци. Како што јавува БГНЕС Вучиќ веќе побарал разговор токму со неговиот бугарски колега и токму тука се открива шансата на Радев да се покаже како вистински патриот, претседател на европска држава и не на последно место поранешен генерал.
Радев треба да застане зад одлуката на бугарскиот парламент, зад зборовите на премиерот Денков и зад цврстата позиција на бугарската шефица на дипломатиjaта Марија Габриел, која вчера истакна дека за Бугарија е важно да продолжи да биде сигурен и доверлив партнер на сојузниците. Радев е должен да го направи тоа, не само заради достоинството на Бугарите во Бугарија, туку и заради достоинството на Бугарите во Западните покраини и РС Македонија.
Бугарскиот претседател треба да го испрати својот српски колега во потрага по алтернативно добивање на природен гас и со најпријателски тон да му посака посветла иднина, по претседателскиот мандат од онаа, која го стигна Герхард Шредер, високиот службеник во Гаспром, кој цели 7 години беше канцелар на Германија.
Радев е на потег. Овде веќе нема простор за завиени формулации и повици за некаков мир со (не)познати последици. Станува збор за достоинството на Бугарија, која за жал на многу нејзини душегрижници овде, овој пат е на „правилната страна“. Овој потег на претседателот Радев, нужно ќе го врати Вучиќ да ги преповтори лекциите од „Војната на капетаните против генералите“. Така Вучиќ ќе научи дека Бугарија одамна не е оној руски сателит, кој поради гневот на Москва се плашел да го налути и Белград.