Република Бугарија ги покрива трошоците за транспорт и сместување на семејствата на 15те повредени од трагичниот настан во Кочани кои се лекуваат таму – потврдуваат за Радио Лидер од Бугарското МНР, пренесува Трибуна.

Од таму велат дека Бугарија веќе им помага на семејствата кои се во Софија, Пловдив и Варна, градовите во чии болници се лекуваат повредените.

Оваа благородна постапка на Бугарија, се надоврзува на она што го нуди владата на Македонија која одвои 30 милиони денари за транспорт и сместување на семејствата на повредените кои се лекуваат во странство.

Во овој момент 101 пациент се третираат во странски медицински центри.

Во Австрија од вкупно шест пациенти кои беа на интензивно лекување, еден пациент е префрлен на оддел, а другите се во потешка, но стабилна состојба.

Во Литванија четворица пациенти се уште се на интензивно лекување, кои се во стабилна состојба во моментот.

Во Србија, од вкупно 30 пациенти, 11 се интубирани во потешка општа состојба, а останатите се стабилни.

Во Бугарија се хоспитализирани вкупно 15 пациенти, од кои седум се интубирани и 6 оперирани, со стабилна хемодинамика, а двајца почнуваат од денес да се движат.

Во Словенија во УКЦ Љубљана се хоспитализирани двајца пациенти, кои се во потешка здравствена состојба, со благо подобрување од вчера.

Во Грција од вкупно 12 пациенти, двајца се критични, но стабилни во моментот, тројца од нив се оперирани. Утрово се пристигнати и нови пациенти во Атина, кои се хоспитализирани и се под опсервација.

Во Белгија и во Италија се хоспитализирани по 4 пациенти и сите се стабилни.

Во Хрватска се хоспитализирани двајца пациенти во тешка општа состојба, но стабилни, а за пристигнатите тројца нови пациенти во тек се дополнителни иследувања.

Исто така, во Полска се на лекување двајца пациенти, од кои едниот е екстубиран, а другиот е на интензивно лекување.

Денес се во тек подготвителни активности за транспорт на двајца пациенти за Шведска.

– Упатуваме благодарност до медицинските тимови од странство, кои со својата стручна експертиза, заедно со нашите здравствени работници заеднички и посветено се грижат за повредените пациенти во нашите здравствени установи. Благодарност и за поддршката од сите општествено одговорни компании, велат од Министерствого за Здравство.