Бугарија ги исполнила сите критериуми и е подготвена да ја прифати единствената европска валута од 1 јануари 2026 година. Ова станува јасно од конвергентниот извештај на Европската комисија (ЕК), пренесе БГНЕС.

Оваа подготвеност е потврдена од податоците на бугарската и европската статистика. Инфлацијата во Бугарија е 2,8% и не ја надминува за повеќе од 1,5 проценти просечната инфлација во трите земји со најдобри резултати. Бугарија ги исполнува и останатите критериуми поврзани со стабилноста на јавните финансии и девизниот курс.

Министрите за финансии од Еврогрупата ќе ги разгледаат извештајот на ЕК и оној на ЕЦБ на состанок на 19-20 јуни во Луксембург. На Самитот на ЕУ, кој ќе се одржи на 26-27 јуни, извештаите ќе бидат разгледани и од лидерите на Унијата.

На 30 јуни Европската комисија ќе даде предлог за фиксирање на курсот, а не се очекува тој да биде различен од сегашниот курс фиксиран преку валутниот борд.

Конечната одлука за влезот на Бугарија во еврозоната треба да биде донесена на 8 јули, кога земјите од Еврогрупата ќе ги усвојат законодавните одлуки за прифаќање на еврото во земјата.

Со тоа, Бугарија на 100% ќе стане полноправен член на Европската унија, откако на почетокот од оваа година стана дел и од копнениот Шенген.