Screenshot

Mинистерката за финанси на Бугарија, Теменужка Петкова, во изјава за bTV соопшти дека одлуката на Велика Британија и САД да доделат дерогација за бугарските компании поврзани со „Лукоил“ претставува „безспорен успех за владата“, јавува Трибуна.

Во петок навечер, само неколку минути пред 22 часот, Министерството за финансии на САД објави дека издава специјален режим што отвора пат за можни преговори за продажба на странските средства на „Лукоил“. Новиот лиценз им овозможува на компании и банки да вршат трансакции со „Лукоил Бугарија“ ЕООД, „Лукоил Нефтохим Бургас“ АД и нивните подружници до 29 април 2026 година.

„Колегите кои работеа на оваа дерогација се справија исклучително добро. Бевме во континуиран контакт со партнерите од ОФАК, како и со Европската комисија. Имавме постојана комуникација и со Велика Британија “, изјави Петкова, додавајќи дека станува збор за „навистина добро завршена работа“.

Таа ги увери граѓаните дека нема место за загриженост: „Нашата главна цел беше да ја гарантираме сигурноста на снабдувањето со горива, да ја заштитиме енергетската и националната безбедност. Нема ризик Бугарија да остане без гориво.“