Министерството за надворешни работи на Република Бугарија соопшти дека го зема предвид содржинскиот дел на Извештајот на Комисијата за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија (РСМ), вклучително и направените оценки и констатации поврзани со европската интеграција на земјата, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Бугарското МНР ја поздрави решеноста на AFET да не се дозволи вклучување во шпекулативни националистички наративи, како што се тврдењата за „вековен македонски идентитет“, кои според нив се спротивни на европските вредности за инклузија и ги навредуваат чувствата и на Бугарите и на други заедници во Северна Македонија.

„Бугарија доследно истакнува дека нема приговори против современите сфаќања за идентитет – тоа е прашање на личен избор. Но, за жал, властите во Скопје често манипулативно ја толкуваат оваа позиција, користејќи ја како изговор за непочитување на преземените обврски. Ова придонесува за забавување на европскиот процес на РСМ,“ се наведува во позицијата.

Според бугарското МНР, главните причини за загриженост се две:

  1. Обезбедување на правото на самоопределување на Бугарите во РСМ, без страв од прогон и дискриминација;
  2. Спречување на провокации кон милиони бугарски граѓани, дел од кои се потомци на Бугари од географскиот регион Македонија.

Бугарија потсетува дека останува цврсто посветена на сите елементи од Европскиот консензус од 2022 година, кој според неа е единствениот пат за интеграција на С. Македонија во ЕУ. Таа позиција, како што се нагласува, била јасно потврдена со одлуките на бугарското Народно собрание во јуни 2022 и мај 2025 година.