Европската комисија денеска ја поздрави едногласната одлука на Советот за прием на Романија и Бугарија во Шенген, со прв чекор прекин на проверките по воздушните и поморските граници, сметано од март 2024 година, јавува Трибуна.

Влезот на овие земји ќе го стимулира патувањето, трговијата, туризмот и додатно ќе го зајакне внатрешниот пазар.
Разговорите за стопирање на проверките на копнените граници ќе продолжат во 2024 година.

„Денеска е историски момент за Романија и Бугарија, како и ден за голема гордост за романските и бугарските државјани. Од март месец тие ќе можат да ги поминуваат слободно внатрешните морски и воздушни граници без гранични проверки. Тоа е многу голем чекор напред за двете држави а исто така и за Шенген зоната во целина. Ги поздравувам Бугарија и Романија, тоа е огромно достигнување кое стана возможно благодарение на нивната напорна работа, посветеност и упорност. Благодарение на вас, Шенген зоната ќе стане уште посилна во корист на сите граѓани во ЕУ“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, јавува прес-центарот на Европската комисија.

„Бугарија и Романија се подготвени за влез во Шенген зоната и тоа за прв пат беше потврдено од Комисијата уште во 2011 година. Шенген зоната исто така е подготвена да ги поздрави Бугарија и Романија, благодарение на заедничките напори во последните години Шенген зоната е посилна и поцврста“, стои во соопштението на Европската комисија кое во целина можете да го прочитате на следниот линк.