Бугарија до крајот на 2026 година ќе ја заврши изградбата на првата во Југоисточна Европа набљудувачка станица на најголемиот нискофреквентен радиотелескоп во светот – LOFAR (Low Frequency Array), јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
LOFAR е паневропски проект со 52 антенски станици во осум држави: Холандија, Германија, Полска, Франција, Ирска, Латвија, Шведска и Обединетото Кралство. Во тек е проширување со нови станици во Италија и Бугарија. Централата на системот се наоѓа во Холандија.
Радиотелескопот овозможува истражувања на Сонцето и вселенското време, раната Вселена, формирањето галаксии, физиката на пулсарите, преодните радио-појави, космичките честички со ултрависока енергија и космичките магнетни полиња.
Бугарија е коосновач на LOFAR ERIC – Европски конзорциум за истражувачка инфраструктура, формиран од Европската комисија во декември 2023 година, заедно со Германија, Ирска, Италија, Холандија и Полска. Конзорциумот обезбедува отворен пристап до научни услуги за европската и светската заедница.
Надградбата LOFAR 2.0 ги подобрува можностите за набљудување и обработка на податоци преку зголемена чувствителност, пошироко видно поле и истовремено следење на повеќе насоки.
Проектот LOFAR-BG се финансира преку Националната патна карта за научна инфраструктура 2020–2027, координирана од Министерството за образование и наука.
Институт за астрономија со НАО – БАН во 2026 година ќе организира летна пракса по радиоастрономија и изградба на LOFAR-BG. Програмата е наменета за студенти, докторанти и млади научници од областа на физиката и инженерството. Практичната работа ќе се одвива во близина на Национална астрономска опсерваторија Рожен, со минимум две недели учество, теренска работа и обуки од водечки истражувачи.























