Автор: Димче Петкоски
Уште од втората половина на 19 век, населението во Македонија помеѓу себе пежоративно се нарекувало „бугараши“ и „србомани“, во зависност од тоа кој каква наклонетост имал. Општо ни е познато дека Македонците, можеби единствени во светот себеси се нарекуваат во деминутивна форма – „македонче“. Тоа значи дека локалното население често ги менувало своите национални преференции, во зависност од тоа кој во дадениот момент ја владеел географската област Македонија.
Сите ние ја знаеме приказната од грчката митологија за „златното јаболко“, каде тројанскиот убавец Парис, ја прогласил за најубава божицата Афродита, а со тоа го навлекол гневот на Хера и Атена, по што Парисовата Троја била уништена во добропознатата војна.Многу западни историчари, Македонија ја нарекуваат „златното јаболко на раздорот“ на Балканот. По трагичните настани од Балканските војни, јадрото на ова златно јаболко го доби Србија, навлекувајќи го гневот на мнозинството од локалното население.
Добро познат е грчко-српскиот брак од интерес и нивното „хиљадугодишње пријатељство“. Тие, на своите окупирани Македонски територии имаат воспоставено политика, комбинација на “hearts and minds policy” и „оган и меч“ – значи, кој ќе се приклони кон нивните асимилаторски политики ќе биде богато награден, а кој не – ќе биде сурово казнет. Во тоа време и Грците и Србите биле во далеку поповолна финансиска позиција отколку Бугарија.
Така знаеме за примери во Беломорскиот и Вардарскиот дел од Македонија, каде вработувањата и привилегиите се давани на ним наклонети луѓе, а исто така се давани парични средства на родителите за нивните деца да следат настава на српски и грчки јазик. Знаеме, исто така, дека скоро целиот бирократски и безбедносен апарат е довлечен во Македонија, од гудурите на Црна Гора, Херцеговина, Косово, Пелопонез и Крит, а кои истите, меѓу другото, имале наредба да се оженат со локални македонски девојки и со тоа да ја сменат демографската структура во Македонија. Доказ за тоа е наредбата на тогашната влада на ПАСОК од 1982 година, која сведочи токму за тоа. На врв на тоа, доселени се колонизатори по целиот тек на Вардарската долина на кои им е дадено најдоброто и најквалитетното земјоделско земјиште, а во Беломорието се населени инородци, маџири, просвиги и росопонти. Тоа значи дека повеќе од 100 години имаме тренд да домородното население се истиснува од своите вековни простори и се населува со туѓинци. Во овој дел ќе зборуваме за подрачјето на Вардарскиот дел од Македонија, односно денешна Република Северна Македонија.
По скоро 80 години на целосна доминација на Белград, Македонија прогласи независност на 8 септември 1991 година. Главен носител беше ВМРО-ДПМНЕ кој беше основан на 17 јуни 1990 година. После толку децении на потчинетост и терор, слободоумните граѓани му ја дадоа довербата на овој политички субјект. Уште од почетокот се соочија со страшни притисоци, закани и безбедносна инфилтрација.
Сѐ уште паметиме за аферите „Сина птица“, „Бугарски летоци“, разни безбедносни кртици-доушници како што се: „Вијуга“, „Брегалница“, „Свињарот“ итн…а најсилниот удар од белградските служби беше насочен кон наводните „бугараши“ во ВМРО-ДПМНЕ, па така како најистакнати претставници на таканареченото „бугарашко крило“, беа претставени тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ – Љуп(б)чо Георгиевски, Марјан Ѓорчев, а подоцна и Антонијо Милошоски. Постојат и други личности кои беа етикетирани со овој назив, но сега ќе се осврнеме на ликот и делото на овие тројца претставници од таканареченото „бугарашко крило“ на ДПМНЕ.
Има многу да се зборува за можеби нај контроверзната политичка личност во Република Северна Македонија, но сега ќе го анализираме само делот кога тој беше Премиер на Владата на Република Македонија. Дојде на власт во 1998 година на крилата на изборниот слоган “Промени“, заедно со добропознатата личност Васил Тупурковски. Но, наместо промени, добивме измени на играчите кои ја ограбуваа и уништуваа Македонија. Така, неприватизираните, од комунистичката олигархија, златни кокошки на македонското стопанство, им ги подари на нашиот јужен сосед. Тука станува збор за „Окта“, „Цементарница“, „Мермерен Комбинат“, „Стопанска банка“, „Жито Лукс“, некои од тутунските монополи, а овозможи и пенетрација на нашиот пазар на „Веропулос“ и „ОТЕ – Космофон“. Значи, за каков „бугараш“ се работи, кога во неговото владеење немаше ниту една значајна бугарска инвестиција во Македонија.
На врв на тоа, за глава на неговата приватна олигархија го назначи контроверзниот бизнисмен Методија Смиленски којшто важеше за главен координатор во кршењето на ембаргото кон СР Југославија наметнато од Советот за Безбедност на Обединетите Нации. Без тој Смиленски неможеше да помине ниту еден шлепер на Југословенско-Македонската граница, а на другата страна од границата негов пандан, беше познатиот директор на Царината Михаљ Кертез – звани Брацика, човек од најголема доверба на Милошевиќ.Смиленски не е случаен човек, бидејќи претходно бил втор човек во Југословенските стоковни резерви, а побегнал во Белград после направени огромни проневери во „Агросервис – Скопје“.
Неговиот грозоморен поход ја опустоши централна и источна Македонија, направи огромни штети преку “Anglo-Yugoslav Bank“ и “Franco-YugoslavBank“, а познат е и по преземањето за беспари на најголемиот трговски субјект во Македонија – „Центро А.Д. – Скопје“. Во просториите на истото тоа „Центро“, во објектот „Сплендид“ во центарот на Скопје, на партијата Единствена Македонија и има дадено цел спрат од зградата. Да не го заборавиме главниот криминален “mastermind“ на „војводата“ во ликот и делото на Драган Далаверски, којшто моментално се крие во Белград, А НЕ ВО СОФИЈА. Па затоа прашуваме, каква логика има главниот бугараш во Македонија и неговите соучесници да работат за политичките, економските и безбедносните интереси на оската Атина-Белград, а не за тие на братска Б’лгарија?
Старите имаат изрека која вели: „По делата ќе те препознаам“. Има уште многу да се зборува за „бугарашот“, но сега да се осврнеме на ликот и делото на другиот „бугараш“ – Марјан Ѓорчев. При неодамнешното интервју каj Ефтов, господинот Ѓорчев сам си призна дека имал интензивни и екстензивни врски со Белград, па така знаеме од неговата работна биографија, дека бил директор на „Земјоделска задруга – Братство и единство с. Лисиче“, „Скопска Млекара“, „Комерцијална банка“, министер за земјоделие, агенција за приватизација итн… Целиот негов работен век го следат контроверзни дејанија, но како пример ќе наведеме само еден: Првата одлука бр.001 објавена во Службен Весник на РМ, по стапувањето на власт на владата на Георгиевски, беше назначувањето на неговиот долгогодишен пријател и соработник г-дин Васил Ефтимов за стечаен управник на „ЗИК Скопско Поле“, кое беше еден од најголемите конгломерати на вредно земјоделско земјиште и производствени капацитети. Тој ист конгломерат, беше расцепкан на неколку делови, сите проследени со огромни афери, но најголемиот дел му се даде на бизнисменот Штерјо Наков, којшто беше можеби најголемиот прекршител на трговското ембарго и една од транзициско-приватизационите ведети. Значи за каков бугараш се работи во овој случај, кога тој му го дал за минимална цена „Сковин“ на еден од главните експоненти на белградската политика во Македонија?
Сега да се осврнеме на „бугарашкиот“ подмладок. Латините имаат изрека која гласи: “Nomen est omen“, што на нашки преведено би значело – името те одредува, па така таткото на младичот има ептен бугарашки назив – Милош, а и неговото презиме Милошоски звучи многу бугарашки. Знаеме за неговото спиење по тавани на Пиротска 5 во Софија, знаеме за неговите афери во МНР, знаеме за неговите хациенди во Бардовци, знаеме за неговото веење на знамето од Кутлеш на Олимп, знаеме за неговото веење на Бугарското знаме на Пирин Планина итн…Еден мој колега, во едно од неговите ТВ интервјуа го нарече Милошоски – “flip-flop“, односнo превртливец. Јас би го опишал на друг начин, човек-метаморфоза на македонската политичка сцена. Значи, српско јајце, бугарска ларва, античка кукла, и сѐ уште не знаеме во каква пеперутка ќе се претвори. Ете дами и господа за какви фамозни бугараши се работи во нашата Македонија. Старата мудрост вели: Вистината ќе ве ослободи.
To be continued…