Буџет за 2022 година тежок 227,3 милијарди денари или 4,4 милијарди евра скрои Владата ден пред вториот круг од локалните избори. Овој предлог на буџет што наскоро ќе се најде пред пратениците според министерот за финансии Фатмир Бесими е за 1,4 проценти или 3,7 милијарди денари поголем од годинешниот и е еднаков на 35,2 проценти од БДП.

Наспроти расходите од 4,4 милијарди евра приходите се планирани на 3,9 милијарди евра, или 7,4 проценти повеќе од приходот проектиран за годинава.

Ваква државна каса е креирана врз основа на процентката дека во 2022 година економијата ќе оствари раст од 4,6 проценти, а инфлацијата ќе биде 2,4 проценти.

Буџетскиот дефицит ќе изнесува 541 милиони евра и според Бесими ќе се користи исклучиво за капитални расходи, при што ќе се примени златното правило во јавните финансии, а тоа е дефицитот да е помал од капиталните расходи. Па така, капиталните расходи се проектирани на 37,8 милијарди денари, наспроти буџетскиот дефицит од 33,3 милијарди денари. Со таа сума капиталните расходи се за 27 проценти повисоки од годинешните и треба да изнесуваат 14 проценти од вкупните буџетски расходи.

-Можам да кажам дека гледано наназад тоа е историски најголем процент на капитални расходи во вкупните расходи. Исто така, како процент од БДП достигнуваат 5,9%, рече Бесими.

Според него, вака креираниот буџет треба да обезбеди редовна исплата на платите, пензиите и социјалните трансфери. За плати се одвоени 32,7 милијарди денари со определба за оптимизација на администрацијата и контрола на вработувањата, за  пензии ќе се потрошат 64,4 милијарди, а за социјална заштита 11 милијарди денари.

Вкупните тековни расходи треба да изнесуваат 234,6 милијарди денари, за два процента помалку отколку годинава, што според Бесими е една од политиките за фискална консолидација, со воведувње стандарди за трошење и намалување на несуштинските расходи. Во тој контекст за стоки и услуги се наменети 20,6 милијарид денари, или за 1,3 милијарди, односно шест проценти помалку од годинава.

Бесими најави зголемување на платите на здравствените работници за пет проценти со тоа што она што годинава им било бонус, во 2022 година ќе им стане дел плата. За здравствена заштита се предвидени вкупно 36 милијарди денари.

За заштита на граѓаните од раастот на цената на струјата, како што рече ќе се формира посебна меѓуресорска група во Владата.

– Во буџетот има средства во програмата за ковид од околу шест милијарди денари кои се нереализирани. Во владата има тим што го следи тоа и во зависност  од тоа каде има слободни стредства,ќе се интервенира. Битно е дека граѓаните треба да знаат дека ќе се направат сите напори прво да има доволно електрична енхергија и второ од аспект на ценовниот импакт, тоа да се прилагоди на начин што согласно правилата на пазарот тој ефект да се ублажи. Не прејудицирам од каде и што, но се уште има простор во буџетото на ниво на планираниот дефицит од 6,5 проценти,м кој е остварен на ниво од 3,8 проценти. Ќе има работно тело и заклучок на Влада, рече Бесими.

Инаку, идната година треба да вратиме 11,6 милијарди денари, односно 188 милиони евра, и тоа 6,5 милијарди денари како надворешен и 5,5 милијарди денари домашен долг.

Бесими ги претстави и новите извори на финансирање, односно развојната, зелената, проектнта и обврзницата индицирана со инфлација, за која рече дека ќе ги ангажира заштедите на населението.

Исто така, наброја четири основни цели на буџетот: економско заздравување и забрзување на растот, зголемување на инвестииците при истовремено спроведување на фискална консолидација, продолжување со грижата за здравјето на населението и непречено функционирање на основните фукции на државата и поддршка на реформите во правосудството  и европските интеграции.

Министерот очекува дека буџетот за наредната година ќе биде донесен навреме и покрај политичката криза во земјава.

– Предлог-буџетот е навреме усвоен во Владата и пратен во Собранието и не гледам причина зошто не би се донел навреме. Има најави и од најголемата опозициска партија дека ќе биде разгледан, рече Бесими претставувајќи го предлог буџетот за 2022 година.