Специјалниот претставник за Бугарија, Владо Бучковски, вели дека во претстојниот период нашата работна група ќе ги разгледа коментарите од Бугарија за предлог-акцискиот план предложен од македонска страна и ќе се изгради јасна позиција.
„Мојата улога како специјален претставник на Северна Македонија произлегува од напорите на македонската Влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и со тоа да се отстранат пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ“, изјавил за МИА Бучковски.
Тој вели дека акциски план содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, во енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество и треба да создаде доверба меѓу владите и народите меѓу двете држави.
„Без разлика на интензитетот на моите патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата нè упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а токму ваквите работни средби се чекор напред кон решение“,, смета Бучковски.