„Мислам дека Мицкоски е паметен, но без политичко искуство. Нека постапи како Мицотакис кој не е голем фан на Преспанскиот договор, но вели дека ќе го почитува. Испраќам порака до новиот премиер, да ја повтори истата порака и да продолжи да гради нови мостови“ рече поранешниот премиер Владо Бучвкоски на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина.

Тој додаде дека сега сме во процес на градење доверба со Грција, поради што треба внимателно да се постапува и да не се нарушуваат односите.

„Грција е многу важна за нашата иднина. Во нашата кратка историја како независна држава, недостатокот на стратешки партенр во регионот ни беше најголем проблем. САД ни се стратешки партнер, но во регионот немавме“ рече Бучковски.

Тој исто така му порача на Мицкоски и да отвори можности за нови грчки инвестиции, бидејќи тоа е важно за иднината на Северна Македонија, но и за целиот Западен Балкан.

Меѓународната конференција за мир и одржлив развој, е организирана од Институтот Алексис Ципрас и Фондацијата Зоран Заев – Едно општество за сите, а предвидено е учество на шефови на држави, европски комесари, академици, поранешни шефови на држави и експерти од повеќе области.

Превземено од Фронтлине.мк