Ми беше чест што изминативе 13 месеци бев специјален претставник на Владата за односите со Бугарија. Бев именуван, две недели по блокадата на Бугарија во исклучително сложени околности. Беше нарушена меѓусебната доверба и преовладуваше говорот на омраза, изјави за МИА досегашниот специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија, Владо Бучковски.
– И во вакви неповолни околности, дадов се од себе да не замре дијалогот и да не дојде до натамошна негативна ескалација во односите на двете држави. Еден мој пријател од Софија, често ми велеше „ти си тука чуварот на огнот, не дозволуваш да се угаси… огнот кој ја подгрева надежта дека Бугарија и Северна Македонија можат и ќе бидат, час поскоро, вистински пријатели и сојузници“, истакна Бучковски.
Тој изрази надеж дека со неговиот ангажман дал и свој придонес кој ќе биде од значење при скорешното продолжување на дијалогот помеѓу двете влади и двајцата нови премиери, кој ќе се води со нова позитивна енергија и нова преговарачка методологија.
– На крајот изразувам голема благодарност до премиерот Заев за укажаната доверба, благодарност до министерот Османи за успешната соработка и до генералниот секретар на Владата Зекири за беспрекорната логистичка поддршка, додаде Бучковски.
Владата на денешната седница го разреши Владо Бучковски од позицијата Специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија. Од Владата посочија дека му благодарат на Бучковски за сите ангажмани и напори со кои придонесе кон одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија во време на предизвици кои подразбираа потреба од мудар, трпелив и посветен однос кон барањето решенија.