Извештајот на Европската комисија и критиките за отсуство на елементарно ниво на соработка меѓу власта и опозицијата како да го вклучи алармот, барем кај дел од политичките чинители. Шефот на дипломатијата, во присуство на словенечката министерка за надворешни работи, повика на создавање на, како што го нарече, „нов рамковен договор за ЕУ“ кој ќе ја извлече европската агенда од дневнополитичките случувања и блокади.
„Ако навистина сакаме 2030 да ни биде рок за влез во ЕУ мораме да си подадеме рака меѓу власт и опозиција дека оваа тема – ЕУ ќе ја тргнеме надвор од дневнополитичките препукувања. Нам ни треба нов рамковен договор за ЕУ во кој партиите од која било страна на политичката сцена ќе склучат договор дека ќе се поддржуваме за прашања поврзани со ЕУ. Еве уште еден повик – ајде да ја искористиме оваа шанса, да го искористиме 19 јули како историски датум на нашиот европски пат, да седнеме на маса, да седнат партиските лидери и да склучат меморандум, договор дека ќе се помагаат за прашања за ЕУ независно од тоа кој е на власт“, изјави Бујар Османи.