Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција ја претстави својата стратегија за решавање на хроничниот недостиг од паркинг-места, предупредувајќи дека општината е пред целосен колапс.

„Чаир е задушен, претворен е во општина на автомобили. Едноставно нема простор, улиците се претворени во паркинзи, тротоарите се претворени во паркинзи, и веќе нема слободни тротоари во Чаир. Дури и парковите почнаа да се полнат со автомобили. Граѓаните секојдневно живеат во анксиозност и стрес, а од разговорите со нив дознавам дека некои дури размислуваат да се иселат поради овој хаос“, изјави Османи.

Тој ја претстави краткорочната стратегија, која предвидува создавање паркинг-зони во секое маало, креирана во соработка со реномираниот светски архитект, Мишел Ројкинд.

„Во урбанизираните делови, во секоја улица, во секое маало да има најмалку по два паркинга: едниот бесплатен, другиот со наплата. Во првиот случај, општината ќе купи двор, куќа или простор и ќе го претвори во бесплатен паркинг.

Во вториот случај, граѓаните можат да ги отстапат своите дворови или куќи, а општината ќе им помогне да ги претворат во паркинзи со кои ќе стопанисуваат, во форма на приватно или јавно-приватно партнерство со општината, и тие ќе бидат со наплата“, појасни Османи.

Овој модел најдобро може да се примени во урбанизираните делови како што се Серава, Гази Баба, Дижонска, Дуканџик и Тенеќе Маало кои се посебно задушени од автомобили и потребно е нивно ослободување.

„Ја измапиравме целата карта на Чаир, ги идентификувавме зоните и решенијата што може веднаш да се применат. Време е Чаир да стане општина на луѓето, а не на автомобилите“, порача Османи.