Со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура, порачува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој во видео објавено на социјалните мрежи зборува за конкретните придобивки од Договорот.
„Зборовите не се доволни. Резултатите се тие што се бројат: работа, развој, подобар живот“, истакнува Муцунски.
Тој потенцира дека со овој договор се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура.
„Не ветуваме – испорачуваме“, додава министерот, посочувајќи дека крајната цел е младите да останат во земјата, да се отворат нови можности за инвеститорите, а граѓаните да добијат подобар квалитет на живот.
„Ова не е политика – ова е работа за иднината“, порача Муцунски.
Во рамки на минатонеделната посета на Лондон, Муцунски и неговиот британски колега, државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт, Дејвид Лами, ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Овој документ, како што појаснуваат од кабинетот на Муцунски има за цел да ги зајакне стратешките билатерални односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната – особено во рамките на НАТО, правдата и внатрешните работи, борбата против тешкиот и организираниот криминал, справувањето со корупцијата и незаконските финансиски текови, како и економскиот раст./Макфакс
Текстот Брза железница, нови болници, подобри патишта, крајната цел е младите да останат во земјата, Муцунски за договорот со Обединетото Кралство е превземен од МАКФАКС.