Полицијата во соработка со БИА и обвинителството за организиран криминал, освен двајцата организатори, уапсила уште 15 припадници на групата поради сомнение дека извршиле најмалку девет ликвидации, меѓу кои и убиството на навивачот на Црвена Ѕвезда, Здравко Радојевиќ, кој минатата година исчезна без траг.
Неволја бил уапсен на планината Рудник, а Миљковиќ во Белград. Во текот на вчерашниот ден биле претресени повеќе од 30 локации, меѓу кои и три викендички, лоцирани меѓу Лозница и Горни Милановац, во кои биле пронајдени клучни докази за некои од најбруталните злосторства кои ги извршиле.
Место на злосторството
„Клучните докази за ликвидациите зад кои, како што се сомневаме, стои Беливук со припадниците на неговата криминална група, која според бруталноста кон жртвите го надмина и земунскиот клан, се пронајдени во овие три викендички. Освен оружје, откриени се и материјални докази, остатоци и ДНК материјали, а форензичарите и натаму проверуваат дали меѓу насобраните трагови има биолошки материјали од минатиот период“, рекол изворот за српски Курир, објаснувајќи дека три куќи се третираат како места на злосторства.
Според неговите зборови, минатата година се случиле повеќе киднапирања кои се поврзуваат со оваа криминална група, а жртвите, но и нивните тела, не се пронајдени до денес. Според медиумот, вчера биле пронајдени клучни докази кои упатуваат на тоа дека жртвите биле мачени, а потоа горени со киселина во овие куќи.
„Повеќе луѓе се исчезнати, за чии судбини со месеци не се знае ништо. Меѓу нив е Радојевиќ, а секаков траг му се губи од минатиот август, но и на Горан Величковиќ Гокси, како и на пинк-пантерот Миљан Љепоја. Постои сомнеж дека тројцата се брутално убиени“, вели изворот.
Лидерот на навивачите, кој бил близок со Кавачкиот клан бил уапсен вчера околу пет часот наутро, наводно додека со припадниците на својата група се обидувал да ги уништи трагите од злосторството.
„Неволја и припадниците на неговата криминална група паднаа кога тргнаа да ги запалат автомобилите што ги користеле во текот на киднапирањата, како и убиствата. Автомобилот „Смарт“ кој го однеле во Рудник стана клучен доказ во истрагата за исчезнувањето на Горан Величковиќ Гокси. Во тој автомобил е снимен Беливук, и тоа додека разговарал со Величковиќ, на кого потоа му се губи секој траг“, според извор на истрагата кој открива дека оперативните информации укажуваат дека сите овие злосторства ги снимале, за потоа видео материјалот да си го препраќаат едни на други.
„На разоткривањето на една од најголемите криминални групи во регионот се работеше со месеци. Се појавија информации дека групата ги снимала злосторствата и ги препраќала преку апликацијата „Скај“, која ја користеле за меѓусебна комуникација. Постојат информации кои укажуваат дека на еден од убиените му ја отсекле главата, на друг јазикот, додека ги топеле деловите од телата“, објаснува извор од истрагата.
Им се заканува доживотна казна
Доколку бидат осомничени за тешко убиство, Вељко Беливук и неговите соработници би можеле да бидат осудени на доживотна казна затвор.
„Со измената на законот, за најтежок облик на убиства сега, наместо 40 години, се одредува доживотна казна затвор“ рекол соговорникот за српски Курир, додавајќи дека осомничените најверојатно денеска ќе бидат приведени на сослушување во Обвинителството за организиран криминал.