Брокулата е зеленчук што ретко кој го сака варен, но постојат начини на кои можете да го зготвите и да им биде привлечен на сите.
Децата не ја сакаат, родителите ја обожаваат, но брокулата е зеленчук што вреди да се најде на вашата трпеза поради нејзините нутритивни вредности. Но, најчесто одбивна е поради мирисот што го испушта при варење, а некогаш и поради начинот на кој е зготвена и станува каша. Без разлика на ова, брокулата е зеленчук богат со здрави нутриенти како калиум, влакна, калциум, витамин Ц и К, а содржи и повисок процент протеини во споредба со други зеленчуци. За да го убедите семејството да го јаде овој здрав зеленчук, еве неколку поинакви идеи.
Крцкава брокула со пармезан
Ако планирате да направите прилог од брокули за вечера, пробајте го овој супер едноставен рецепт. За крцкава брокула со пармезан, нема потреба од посебен метод на готвење, само попрскајте ги со сок од лимон и маслиново масло, посипете со лук во гранули, рендан пармезан и лебни трошки. Ставете ги кратко да се потпечат во рерна.
Динстана со јунешко
Никогаш повеќе нема да послужите „здодевни“ брокули ако го зготвите овој кинески рецепт, кој бара само 15 минути готвење – јунешко со брокули. Освен двете главни состојки, јунешко месо и брокула, потребни ви се уште неколку состојки што ги има во секоја кујна, а готвењето е во три едноставни чекори. Месото се сечка на тенки ленти, на малку масло се пропржува да омекне, се додаваат брокулите и се пржи 15-ина минути. Се зачинува со сол по вкус.
Супа со чедар
Ако сакате чорбеста храна што ќе ве загрее, оваа крем супа од брокули со чедар е совршен избор. Потребно е да ги обарите брокулите, да ги испасирате со рачен блендер во кремаста супа. По желба можете да додадете и неколку кришки сув леб, кој ќе ја згусне супата. Зачинете со сол и на крај посипете со рендан чедар.
Потпечени брокули
Без сомнение, вака подготвените брокули ќе ги освојат и најпребирливите. За готвење потребни ви се свежи (или замрзнати) брокули, крем-супа од печурки, млеко, путер, солени крекери (како замена може и лебни трошки), кашкавал и јајце. Крекерите или лебните трошки пропржете ги на путерот, во сад наредете ги брокулите, прелејте ги со матено јајце, млеко и крем-супата. Посипете со рендан кашкавал и измешајте. Потоа посипете одозгора со пропржените крекери (или лебни трошки) и оставете во загреана рерна на 180 степени да се потпече.
Салата со брокули
Оваа колористична и свежа салата ќе ве освои. Во неа освен главната состојка брокули, има сушени брусници, сечкано јаболко, моркови, црвен кромид, потпечени кикирики и на крај прелеано со микс од мајонез, јаболков оцет и мед. Зачинете со сол по вкус. Миксот од слатко, солено и кисело е незаборавен.
Едноставно потпечени брокули
Во ова јадење нема нешто посебно, а сепак освојува со својата едноставност. Цветовите од брокули измешајте ги со маслиново масло, сол, црн пипер, посипете со малку лимонов сок и ставете ги во плех обложен со хартија, кратко да се потпечат во рерна загреана на 250 степени.
Мини фритати
Слични се на мини мафини, но разликата е што во смесата не се додава брашно, туку се прават од јајца, пекорино кашкавал, сечкани брокули и зачини. Смесата се става во калапи за мафини и се печат во рерна загреана на 200 степени. Одлични се за појадок.