„Белата чума“ ја покоси Северна Македонија. По две децении од одржувањето на последниот попис во 2002 година, бројот на жители во земјата е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа значи дека е изгубено население колку две или три поголеми општини во земјата. Последниот попис на населението и домовите покажа дека во земјата 207 населени места зјаат празни, без ниту еден останат жител.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика и демограф Дончо Герасимовски за ТВ21 вели дека од тоа што е презентирано како први резултати и сега согледувајќи ги резултатите прибрани и обработени од пописот 2021 година, бројките се вонглавно тие кои може да се рече дека на прв поглед задоволуваат имајќи ги во предвид демографските движења кои се случуваат во изминатите 20 години.
„Од аспект на демографски параметри на наталитет како број на новородени и морталитет како број на умрени лица, разликата меѓу нив е природното движење и на крај секако една актуелна тема е внатрешно миграциони движења, како преселување од едно во друго населено место на територија на иста општина од село во град или од една во друга општина“, вели Герасимовски.
Тој посочува и еден проблем кој го имаме во државата за кој се уште нема доволно податоци, а тоа е бројот на иселени од земјата чија бројка според меѓународни организации од светско ниво, светска банка, евростат се институции кои се стручни професионални и кои објавуваат одредени податоци за население со државјани од разни земји каде што се наоѓаат по светот.
„За Македонија се смета дека има, според нив 600 илјади македонски државјани кои се надвор од земјава и таа бројка е распространета во 163 земји во светот. Резидентното население кое живее, работни и твори во нашата земја е бројка која се очекува да има и намалување оти знаеме дека голем број на население од нашата земја е замината надвор, за последните 10 години се смета дека 175 се заминати надвор од земјава според податоци на евро стат во земји на ЕУ“, додава Герасимовски.