Брод со 2.737 тони хуманитарна помош тргна денеска од јужната турска провинција Мерсин кон Појасот Газа, во координација предводена од турската Црвена полумесечина.

Пратката, меѓу другото, содржи пакети со храна, вода, брашно, облека, средства за хигиена, шатори, вреќи за спиење, ќебиња, материјали за засолништа и медицински материјали, објави турскиот јавен сервис ТРТ.

На церемонијата пред поаѓањето на бродот со хуманитарна помош кон Газа, претседателката на Црвената полумесечина на Турција, Фатма Мерих Јилмаз, рече дека помошта ќе пристигне во египетското пристаниште Ал-Ариш, од каде ќе биде натоварена на камиони за предвидената дестинација.

Турција досега испрати помош во 12 авиони и шест бродови за палестинскиот народ во Појасот Газа.