Бројот на загинати во поплавите во Германија достигна 133 и со таа цифра, веќе има 160 жртви на природната катастрофа во области во Западна Европа.
Полицијата во западногерманската покраина Рајнска област-Пфалц утрово соопшти дека веќе има 90 загинати – 27 повеќе од вчера. Стотици луѓе во регионот се исчезнати,и според дел германски медиуми, таму може да има околу 600 жртви.
Во соседната провинција Северна Рајна-Вестфалија, досега е потврдена смртта на 43 лица.
Претседателот Франк-Валтер Штајнмаер денеска ќе ги посети погодените области.
Најмалку 25 лица загинаа во поплавите во Белгија, според последните податоци.
Покрај Западна Германија и Белгија, од тешки поплави предизвикани од поројните дождови беа погодени и јужна Холандија, североисточна Франција, Луксембург и Швајцарија. На многу места, реките се излеаја од своите корита.