Неколку дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се намалува бројот на критичните пациенти кои се лекуваат во земјава и надвор од државата. Но, како што посочија вчера надлежните, борбата не е завршена, таа допрва претстои, почнува ризикот од инфекции и претстои можно влошување на состојбата. Сепак, утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата.

Од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош.

Mинистерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, вчера соопшти дека од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, се очекува идната недела пет да бидат вратени во земјава.

По тријажата која ќе им биде направена, потенцира, ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување. Министерот за здравство нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека пак, останатите 109 пациенти се во релативно добра состојба.

Според Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Тимови од Израел и Велика Британија, како што рече вчера на прес-конференција, помагаат да се направи планот за враќање, рехабилитација и натамошен третман во земјата.