Премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, денеска во Атина, во рамки на Економскиот форум Делфи, на состанокот со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, говорејќи за економските односи го истакнала значајењето на два проекта – брзата железница и гасното поврзување, јави дописникот на МИА од Белград.
-Брзата пруга го продолжува проектот што го имаме сега, од Будимпешта до Белград, и што ќе го работиме со ЕУ, од Белград до Ниш и понатаму до Северна Македонија, за да тоа се продолжи до пристаништето Пиреја, преку Скопје, Солун, до Атина, изјави Брнабиќ, соопштија од српската Влада.
Таа кажа дека Србија има стратешка соработка со кинеската компанија „Коско“, која е сопственик на пристаништето во Пиреја и сака што повеќе да инвестира во таа железничка насока, со цел да стане централна транспортна линија за железничкиот сообраќај.
Според неа, друг важен проект е гасоводот од Александропулос, како дел од диверзификацијата на гасните интерконекции.
Брнабиќ посочи дека Србија во септември или октомври ќе ја започне изградбата на гасната интерконекција со Бугарија и дека Грција веќе завршила 95 отсто од својата конекција со Бугарија, оценувајќи дека оваа стратешка насока ќе значи дополнителна енергетска безбедност и стабилност.
Брнабиќ исто така посочи дека Грција останува со Србија за прашањата на Косово и евроинтеграциите, нагласувајќи дека изразила благодарност до официјалните претставници на земјата за нивната поддршка, посветениот пристап, „почитувањето на меѓународното право и непризнавањето на еднострано прогласената независност на Косово“.
Таа потсети дека Грција е една од земјите што дава постојана поддршка на агендата за проширување на ЕУ, давајќи и одобрение на Србија за преговарачките позиции и е една од земјите што најмногу ја „туркаат“ Србија во тој процес, соопштија на сајтот на спската Влада.