Бритни Спирс ги продаде правата за целиот свој музички каталог, профитирајќи од наследството што го изгради со хитовите како Baby One More Time и Toxic. Според правните документи, каталогот е продаден на издавачката куќа Primary Wave, и иако износот не е откриен, медиумските извори го опишуваат како историски договор споредлив со продажбата на каталогот на Џастин Бибер за околу 200 милиони евра.

Според документите, 44-годишната пејачка го потпишала договорот на 30 декември. Извори блиски до Спирс велат дека таа е задоволна од одлуката и слави поминувајќи време со своите деца, синовите Шон (18) и Џејден (17), кои ги има со поранешниот сопруг Кевин Федерлајн.

Со овој потег, Спирс се придружува на голем број музички ѕвезди кои профитираа од своите каталози во последните години. Меѓу нив се Џастин Бибер, Брус Спрингстин, Боб Дилан, Шакира, Стинг и Фил Колинс.

Каталогот на Бритни Спирс се смета за еден од највредните во модерната поп музика. Нејзината кариера започна во 1999 година со нејзиниот деби албум Baby One More Time, кој се продаде во повеќе од 10 милиони примероци и помина две недели на врвот на табелата Billboard Hot 100.

За време на нејзината кариера, таа постигна 11 синглови број еден, повеќе од 30 песни во топ 10 и издаде девет студиски албуми. Вкупната продажба на нејзините албуми надминува 100 милиони примероци низ целиот свет.

Хитови како „Toxic“, „Oops!… I Did It Again“, „Gimme More“ и „Womanizer“ ѝ донесоа бројни номинации за Греми, МТВ и Билборд награди. Нејзината музика продолжува да генерира огромни приходи од услугите за стриминг, радио емитување, како и употреба во филмови, реклами и на платформи како TikTok.

Текстот Бритни Спирс ги продаде правата за сите нејзини хитови е превземен од МАКФАКС.