Некои од најголемите музички ѕвезди во Велика Британија јавно се обратија на владата со барање со цел да им обезбеди безвизни турнеи во Европската унија. Сер Елтон Џон, Лиам Галагер и Никола Бенедети се меѓу 110 уметници кои се потпишаа во отвореното писмо адресирано до владата.
Во него се вели дека тие биле „бесрамно отфрлени“ од владата во врска со правилата за патување за музичари од Велика Британија по „Брегзит“.
Од владата велат дека ѕвездите треба да ја прашаат Европската унија зошто „го отфрли разумниот предлог на Велика Британија“.
Секретарот за култура, Оливер Доуден во среда ќе се состане со претставници на музичката индустрија за да дискутираат за нивните проблеми.
На почетокот на оваа недела, министерката за култура Каролин Динанаџ изјави дека Европската Унија не била компатибилна со манифестната заложба на владата на Велика Бринатија во врска со граничниот режим. Сепак, таа истакна дека „вратата е отворена“, доколку Европската унија е подготвена повторно да ги разгледа предлозите на Велика Британија во врска со постигнување договор за музичарите.
Во меѓувреме, потврди таа, од музичарите и уметниците кои ќе сакаат да патуваат низ Европа се бара да ги проверат правилата за посетители за секоја земја-членка во која имаат намера да патуваат.
Од нив може да се бара да имаат виза или работна дозвола, што според некои експерти од музичката индустрија ќе бидат скапи и потенцијално отежнати процеси особено за музичари кои се на почетокот на нивната кариера.
Други имиња кои се најдоа во отвореното писмо се пејачот Ед Ширан, Стинг, Радиохед, Ким Вајлд и други.
„Договорот склучен со Европската унија има дупка во која треба да биде ветеното слободно движење за музичарите. За сите кои би сакале да остварат европска музичка турнеја ќе им требаат скапи работни дозволи за многу земји што ги посетуваат и планина документи за нивната опрема“, стои во писмото.