Италијанскиот премиер Марио Драги потпиша нов указ за анти-ковид мерки, кој ќе стапи во сила на 6 март и ќе трае до после католичкиот Велигден, во април, јави агенцијата Анса.

Во споредба со претходната, најважната промена во новата одлука е дека во сите региони, каде што е регистриран голем пораст на ширењето на коронавирусот, со прецизно 250 заразени на 100.000 жители, сите училишта ќе бидат затворени и ќе се премине на онлајн настава.

Министерот за здравство Роберто Сперанца објасни дека одлуката е донесена откако било утврдено дека „британската“ варијанта на вирусот е присутна во повеќе од 50 проценти од откриените случаи на инфекција, а тој сој се шири многу брзо и ги инфицира младите луѓе на возраст од 10 до 19 години.

Владата на премиерот Драги ја задржува поделбата, за време на пандемијата, на земјата во три зони: црвена, каде вирусот е најраспространет, портокалова, каде вирусот се шири помалку и жолта, каде што нивото на инфекција е ниско.

Според новата регулатива, фризери, спортски сали, театри, ресторани и барови во црвените зони  имаат работно време до 18 часот, а можат да доставуваат храна до 22 часот.

Забраната за сообраќај меѓу регионите останува во сила, како и полицискиот час од 22 часот до 5 часот утредента.

Новиот указ предвидува помош од 200 милиони евра, за оние чии активности ќе страдаат најмногу од антиковид мерките.