Вчерашната посета на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во Брисел беше одбележана со потврда на недвосмислената поддршка од нашите европски партнери за Северна Македонија и нејзиниот пат до полноправното членство во Европската Унија. Сепак, сите забележаа дека е потребно обединување и политички консензус за продолжување и остварување на европската перспектива.

Откако во јули минатата година земјава формално ги започна преговорите за членство во ЕУ започнувајќи го скринингот, пред отворањето на првите поглавја од Северна Македонија се очекува промена на Преамбулата на Уставот, а потоа и забрзан процес на реформи со цел остварување на целта – членство во ЕУ до 2030 година.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји на средбата со Маричиќ ја потврди поддршката за земјава, но и побара успешно и брзо спроведување на реформите и политичко обединување околу остварувањето на стратешката цел, членство во ЕУ и уставните измени. Според него, со изгласувањето на уставните измени ќе се загарантира европската перспектива на земјава.

Слична порака пристигна и од новиот генерален директор на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман. Тој порача дека ЕУ ги препознава и цени високото ниво на подготвеност и ентузијазмот кај македонските преговарачки групи. Копман порача дека фокусот на преговорите ќе бидат реформите, пред се во Поглавјата 23 и 24, односно владеењето на правото и борбата против корупцијата.

За односите со Бугарија, европските претставници истакнаа дека е потребно сите проблеми да се решаваат врз европските вредности, на европски начин и со меѓусебно почитување. Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија, Илхан Ќучук на средбата со Маричиќ се согласи дека и покрај сите провокации и обиди за нарушување на односите, граѓаните на двете земји се залагаат за соработка  и добрососедство кои носат благосостојба за двете држави и двата народи. Маричиќ и Ќучук се согласија дека таа опција е и побројна, и посилна и дека со сигурност ќе надвладее во оваа ситуација.

Апели за смиреност и осуда на изјавите на Џамбаски пристигна и од евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, за кого изјавите на Џамбаски се неприфатливи и за осуда. Гир кажа дека ваквите изјави не ги одразуваат вредностите на кои е основана ЕУ.

Во меѓувреме, Северна Македонија успешно го спроведува скрининг процесот во Брисел, каде што во неделава се разговара за Поглавјата 6 и 7 – права на трговските друштва и право на интелектуална сопственост. Македонскиот преговарачки тим го претставува постигната и се што е направено поврзано со овие поглавја.

По завршувањето на скринингот, што се очекува да биде до ноември оваа година и изгласувањето на уставните измени, Северна Македонија ќе започне да ги отвора поглавјата од преговорите со ЕУ, односно првиот кластер „Темели“ и да ги спроведува реформите кои ќе ги донесат европските вредности и правила дома.