Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди на опасноста од воведување царини, кои, според неа, би ги поткопале трансатлантските односи.

Во објава на социјалните мрежи нагласи дека територијалниот интегритет и суверенитетот се основни начела на меѓународното право, клучни за Европа и за меѓународната заедница во целина.

Фон дер Лајен исто така истакна дека Европската унија стои во целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд. Наведе дека дијалогот останува клучен и дека ЕУ е посветена на унапредување на процесот што веќе беше започнат минатата недела меѓу Кралството Данска и САД.

„Европа ќе остане обединета, координирана и посветена на зачувување на својот суверенитет“, порача таа.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно најави бран зголемување на царините за европските сојузници додека на САД не им биде дозволено да го купат Гренланд.

Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.

Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.

„Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска отидоа во Гренланд со непозната цел. (…) Овие земји, играјќи ја оваа многу опасна игра, презедоа неприфатлив ризик“, напиша американскиот претседател во долг пост на својата социјална мрежа.

„Со години ја субвенциониравме Данска, како и сите земји од Европската Унија и другите, со тоа што не им наплаќавме царински давачки или какви било други форми на компензација. Сега, по еден век, време е Данска да возврати – светскиот мир е во прашање! Кина и Русија го сакаат Гренланд, а Данска не може ништо да направи во врска со тоа. Тие моментално го штитат со два тима кучиња, од кои едниот беше додаден неодамна.

Само Соединетите Американски Држави, под ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ДОНАЛД Џ. ТРАМП, можат да ја играат оваа игра – и тоа многу успешно! Никој нема да го допре ова свето парче земја, особено затоа што националната безбедност на Соединетите Американски Држави и безбедноста на светот како целина се во прашање“, се вели во објавата на Трамп.

По најавата за царини имаше голем број реакции.

Текстот Брисел со поддршка за Данска и Гренланд; Фон Дер Лајен порача: Царините на Трамп се закана за трансатлантските односи е превземен од МАКФАКС.