Здравствениот регулатор на Бразил, Анвиса одби да го одобри барањето на гувернерите за увоз на руската вакцина Спутник В. Одлуката на петчленото раководство на регулаторното тело била донесена едногласно, откако експертите посочиле дека постојат ризици поврзани со вакцината и „сериозни“ дефекти како што се недостаток на информации што ја гарантираат нејзината безбедност, квалитет и ефикасност.
Клучното прашање е присуството на аденовирус способен за репродукција во препаратот, што според менаџерот на производи Густаво Мендес е „сериозен“ дефект, јавија бразилски медиуми.
Вакцината Спутник е одобрена во повеќе земји. Руски научници велат дека неговата ефикасност против Ковид е 97,6 проценти. Тие се однесуваат на проценки засновани на податоци од 3,8 милиони луѓе.
Вакцината исто така не е одобрена од ЕУ, која забележува дека се потребни повеќе информации за тестирање и за процесот на производство.
Кампањата за вакцинација во Бразил е бавна поради проблемите со снабдувањето со вакцини; здравствениот систем е пред колапс. Досега, со првата доза се вакцинирани 27,3 милиони луѓе или 13 проценти од популацијата. Пријавени се вкупно 14,4 милиони случаи на инфекција и скоро 400.000 смртни случаи, многу во последните месеци.
Во исто време, друга земја која е погодена од пандемијата на Ковид-19, Индија, ќе ја добие првата пратка од вакцината Спутник В на 1 мај.