Пишува: Катерина КОЛОЗОВА
Се збра сѐ живо, и православно и муслиманско во земјава, сѐ живо што се смета себеси за верник, вознемирени и усојузени, против безбожниците кои застанаа зад еден бенигнен повик двете најголеми религии во земјава да не се провоцираат взаемно со наметливо звучно засилување на своите пеења, молитви и повици. Се чини дека едно вакво однесување имплицира став од типот „не ме интересира во што веруваш ти, ова е единствената можна вистина та ќе ја извикувам толку гласно што цел свет да ја чуе и разбере.“
Пред да се побунам во име на атеистите и агностиците и вредностите на секуларизмот, кои се и онака повици кои никој не ги слуша, да се концентрираме на нешто поургентно: ваквото однесување заличува на културна војна или нездрав натпревар што секако не помага во подобрувањето на меѓуетничките односи. Можеби целта не е провокација, но, независно од намерата, ефектот е тој – третирањето на својата Вистина, своето „верувам,“ како единствено точно, така што пораката би му ја засилиле да се слуша од тука до сонцето и крајот на универзумот (ако е можно), е всушност отсуство на почит за она „верувам“ на другите. И овој натпревар на верниците воопшто и не би ме интересирал, доколку не сметам дека аспектот на интер-културно насилие – во форма на наметнување на сопствениот светоглед и уверувања – може да ги влоши односите и да доведе до дополнителна сегрегација по населби, делови од населби, општини и градови. Во време кога се обидуваме да изградиме едно општество за сите, „натпреварот на фалуси“ на двете најголеми конгрегации не помага ни најмалку. Напротив, одмага.
Но, да се прашаме како после толку лекции на тема „мултикултурализам,“ од политички и policy до академски и стручни, слогани и стратегии преповторувани речиси со децении, ние сеуште не знаеме да зборуваме за подобрени интеркултурни односи а мантрата за мултикултурен соживот одекнува празно? Прво, затоа што таа постмодерна веќе истрошена категорија „мултикултурност“ е буржујско-неолиберална концептуална направија која никаде никогаш вистински не профункционира. И покрај постојаното пропагирање на оваа вредност, најдобро што го добиваме е површна, привидна толеранција, затскриена зад пристојни насмевки во јавната сфера, наспроти длабока ксенофобија во интимата на секој (Западен) дом, барем во Европа.
„Мултикултурната Европа“ нѐ учи како взаемно подобро да се толерираме. Толеранцијата имплицира добро поднесување на туѓ елемент, додека „инклузивноста“ имплицира вклучување на елементите на малцинското во мејнстримот на репрезентативноста – при што сликата на Другиот е стерилизирана, „преиспрана“ во претставата на западната култура до нејзина непрепознатливост. Градот на околу 300 џамии, Париз, не ви овозможува ниту да слушнете ниту да видите ниедна од нив – другоста во нејзината „културна интима“ треба да се сокрие, да биде предмет на срам (кај Другиот). Оттука разбирлива е потребата од протестна демонстрација на културната посебност во сферата на јавниот простор. Тоа е моделот од кој треба да учиме, онака како што го поставила Европската унија, како вредносен идеал. Но, дали ние, во нашата поблиска историја имаме речиси активно сеќавање на друг модел, многу поуспешен од кој можеме да црпиме за градење нови модели?
Со еден збор, западниот „мултикултурен“ модел – не функционира успешно, ниту на Запад ниту овде. Предмодерната взаемна културна толеранција, османскиот еклектицизам, културата на милетот од кој можеме да ги извлечеме најдобрите лекции е, за жал, исчезнат – сега, секој е пуритански застапник на само својата песна, молитва, култура, а т.н. толеранција во мултикултурен контекст овде тешко се учи. Како што констатиравме погоре, и на Запад не се учи полесно, само лицемерието на институциите е поуспешно. Тоа е затоа што самиот концепт е политички слаб, роден во ерата на технократскиот неолиберализам кога, како што објаснуваат Шантал Муф и Ернесто Лаклау (Лакло, според некои), културното го заменува и убива политичкото. Треба да препознаеме дека неолибералниот модел запаѓа во криза, политичкото постепено си го зазема сопственото место кусо узурпирано од културното (или културолошкото), и да се потсетиме на нешто што некогаш сме го научиле, сме го знаеле и било ефикасно. Југословенскиот модел на „братство и единство,“ како политичка категорија, каде етничкото и културното се потчинети па и речиси ирелевантни во однос на политичкиот идеал на градење нова граѓанска (и пролетерски освестена) нација – југословенската – функционираше. Никој никого не „толерираше,“ туку, на еден многу органски начин, сите нации и етнички групи беа дел од истото општествено па, на некој начин, и национално ткиво. Го одбивам аргументот дека тоа е погрешен модел само затоа што бил поразен – за да пропадне, мораше да биде уништен, предмет на деструктивна офанзива, а агресорот има име – тоа беше национализмот на Милошевиќ и неговите пропоненти. Не сите нешта од таа југословенска ера треба да се прогласат за погрешни, надминати или нешто што треба да се надмине – некои концепти, политики, и модели на уредување може да се рециклираат и пресоздадат за новата ера, а еден од тие е токму југословенскиот модел на „братство и единство.“
Превземено од Рацин.мк