Музичката атракција Brass Brothers првата деценија од своето постоење ја заокружува со новата песна „We Are Energy“ која претставува подарок за публиката и најава за истоимениот втор албум.

Нумерата „We Are Energy“ е химната на бендот, со мелодија и текст кои најсуштински го вокализираат сето она што момците го носат во себе и го предаваат на сцената. Таа го задржува добро познатиот енергичен музички потпис на бендот, кој дополнет со денс ритамот повторно создава уникатна и интерактивна музичка приказна.

„We Are Energy“ е нивната благодарница до публиката, која на секој настап, со отворени срца ја восприема музиката, позитивната енергија, љубовта и спонтано станува дел од нивната музичка магија.

Музиката и аранжманот на „We Are Energy“ е дело на Горан Мицевски Кус, фронтменот и тромбонистот на Brass Brothers.

Brass Brothers е македонски музички бенд формиран пред 10 години, составен од професионални и талентирани музичари: Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетоски (саксофон), Пере Мелов (труба), Јован Мартиновски (Dj) и Ник де Карло (туба).

Оваа група е препознатлива по своите експлозивни и динамични живи настапи, кои ја освојуваат публиката и ја прават незаменлив дел од перформансот.

Brass Brothers донесе уникатна автентична енергија на македонската музичка сцена, пред се поради специфичната комбинација од брасс секција и динамичен звук. Зад себе ги имаат авторските нумери како „Време Невреме“ на македонски јазик, како и петте музички нумери „Balkan Mayhem“,„ Winner“, „The Spark“, „Inseparable“ и „Take My Hand“ од првиот албум на англиски јазик „Balkan Mayhem“.

Албумот „Balkan Mayhem“; претставува извонредно креативен спој на македонската и балканската музичка традиција и свежи звуци и модерни елементи. Со овој енергичен албум, Brass Brothers создадоа уникатен звук и испратија моќна порака до својата публика од целиот свет.

Со вториот албум „We Are Energy“, Brass Brothers ќе продолжат да го развиваат својот уникатен стил но ќе донесат и многу нови експериментални креации кои несомнено ќе ја
освежат домашната но и светската музика сцена.

Нивната музика е достапна за преслушување и купување на сите светски дигитални платформи и музички продавници.