Валентина Божиновска, ексфункционерка од ВМРО-ДПМНЕ и поранешна директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религозни групи во изјава за „А1он“ тврди дека во овој момент нема да може да придонесе со свој ангажман во Стратешкиот совет на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, но дека се надева на идна соработка.

„Почитуван министер, Ви благодарам за поканата и за Вашата идеја, која е брилијантна и во оваа прилика ја поздравувам, но заради моите ограничени активности од здравствени причини, не можам да допринесам во овие мигови, но се надевам на наша идна соработка бидејќи сум убедена дека сите заедно треба да ги подадеме рацете кон проектот за европска држава“, вели Божиновска.

Таа вели дека ја добила поканата од министерот да бидам член на Стратешкиот совет на МНР, кој што ќе треба да изработи стратешки 10-годишен документ за надворешна политика на државата и дека „идејата за помирување е една од најсуштествените точки за иднината на државата особено за прашања кои што ја засегаат надворешната позиционираност на земјата и кои се од интерес на сите граѓани“.

„Инклузијата на надворешната политика со граѓаните е клучна во ваквите процеси, но особено иднината ја гледам во помирувањето како рефлексија и обединувачки фактор на здружување на сите политички чинители во општеството. Потребна ни е европска држава со европска иднина. Општеството, колку и да е тоа тешко, мора да биде подготвено на прифаќање на различните стратегии за да се најдеме што побргу во дворот на Европската унија. Одговорноста за процесите во државата ја носиме подеднакво сите“, вели Божиновска.