Помисливте ли дека овие чудесни дела ги создала некоја самовила, пафкајќи со своето волшебно стапче и наросувајќи „син прав“? И ние го помисливме истото.

Соња Панкова

Соња Панкова, дизајнерка и уметница од Скопје, ја сака естетиката во чинија независно за каква харана станува збор. Секогаш кога готви нешто, па дури и да е тоа салата, сака да биде колоритна, да изобилува со форми и бои, да се најадеш гледајќи. Ако прави сарми, на пример, исто така се труди да бидат сите идентични по својата големина и изглед. Тоа ѝ прави задоволство. Секако, и да бидат послужени во соодветни садови за да ѝ биде сликата комплетна.

– Божиќните празници се период од годината кога, без разлика дали некој е верник или не, е време кога најблиските се собираат дома, се дружат, споделуваат заеднички моменти, подароци. Некако сè се смирува. Животната трка влегува во фаза на мирување, барем за тие неколку денови. И не само кај нас овде во Македонија, секаде низ светот мислам дека сè се врти околу трпезата, низ насмевка ни вели оваа уметница која за Божиќ секогаш сака да биде дома.

Соња одамна имала желба да направи Божиќна куќичка, но годинава се создало слободно време за неа. Дополнителен мотив ѝ била Калина, нејзината 6 годишна ќерка. Сакала да ја изненади и да израдува. Инаку, за да ја направи оваа неверојатна божиќна куќичка на Соња ѝ бил потребен цел ден.

– Прво напрваив шаблони од хартија за секој елемент посебно, ја скорив кората и ги испеков. Потребно е добро да се изладат после печењето, па потоа да се украсуваат. Прво ги исцртав и залепив украсите на сите поеднинечно, потоа откако добро се исушија и зацврстија ги спојував ѕидовите и кровот, вратата и така натаму. За лепење користев глазура, домашно подготвена. Потребно е да се работи со многу внимание и трпение. Во процесот на работа постојано ви текнува нешто ново, нешто што ќе ја направи куќичката уште поафтентична,  па трчате до продавница, ни раскажува Соња.

За изработка го користела тестото за колачите џинџербред кукис (Gingerbread cookies) и со истата доза ги правела сите елементи за куќичката.

Божиќна куќичка

Глазура за цртање:

1 белка од јајце

200 гр. шеќер во прав

1/2 супена лажица густин

1 супена лажица цеден лимон

Сите состојки се матат со миксер до згуснување. Потоа се ставаа во шприц или може да се користи и најобична ќеса на која на едниот врв се засекува, се прави мало дупче.

Состојки за куќичката:

Џинџербред кукис (Gingerbread cookies) – 40 кекси

1 јајце

230 мл. меласа (може и мед)

220 гр. кафеав шеќер

120 гр. путер

120 мл. вода

1 прашок за печиво

1 лажица ѓумбир

½ лажица мелен цимет

½ лажица мускатно оревче

¼ лажица мелен каранфил

неколку капки ванила екстракт

Подготовка:

Добро се мешаат брашното, прашокот за печиво, ѓумбирот, циметот, оревчето и каранфилчето. Со миксер се мати путерот, медот, шеќерот, водата, јајцето и капките екстракт од ванила. Полека се додава смесата од брашното и се замесува тесто. Добиеното тесто се дели на 3 дела и секој посебно се витка во растеглива фолија. Се остава да мирува 3 часа во фрижидер. Се дели тестото на три дела и се става во растеглива фолија во фрижидер.

Земете по потреба од тестото и развечете го со сукало на поголема даска на која претходно сте наросиле малку брашно за да не се лепи тестото.

Направете какви форми сакате, независно дали се колачи со модли или во случајов ги кроите шаблоните за куќичката.

Многу е важно тестото да не биде предебело, а во зависност од дебелината ги печете и колачите или деловите од куќата, од 7 до 10 минути.

Останатото препуштете го на вашата креативност и фантазија.

Среќни празници!

Доколку сте ги пропуштиле:

Божиќното дрво на Сузана Аврамовска, рецептот прочитајте го – ТУКА.

Празничен куглоф со вкус на Божиќ на Лидија Јошевска, рецептот прочитајте го – ТУКА.