Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања ги коментираше претстојните избори во Бугарија, пришто истакна дека е логично да посака победа на ГЕРБ, на Бојко Борисов, со која се дел од Европската народна партија.
„Со партијата ГЕРБ што ја води Бојко Борисов сме во исто политичко семејство, во Европската народна партија. Изборот е логичен“, рече Мицкоски, прашан кого би издвоил како подобар соговорник, дали Бојко Борисов од ГЕРБ или Кирил Петков од Продолжуваме со промената (ПП).
Мицкоски, сепак, е уверен дека бугарските граѓани најдобро знаат кого да го изберат за да ги претставува во институциите. Македонскиот премиер им посака на успешни, фер и демократски избори, да ја изберат најдобрата влада која ќе работи во нивните интереси и ќе се заложи за добрососедските односи.
Бугарските граѓани утре по седми пат во последните три години ќе гласаат на избори.
Што се однесува до спорот помеѓу Македонија и Бугарија, и Борисов, но и неговиот опонент од Продолжуваме со промената (ПП) Кирил Петков, неодамна повторија дека само со внесување на Бугарите во Уставот, Северна Македонија може да продолжи на патот кон Европската Унија.