„Вечно сеќавање на жртвите на комунистичкиот режим! Пред 76 години, таканаречениот „Народен суд“, кој не е ниту народен, ниту суд, го означи почетокот на едeн од најмрачните процеси во нашата историја. Ова го напиша премиерот Бојко Борисов на социјална мрежа по повод Денот на жртвите на комунизмот, јавува БГНЕС.
„Нелегитимен, примитивен и политички контролиран, тој физички ликвидираше дел од елитата на нацијата. За жал, сè уште има гласови кои тврдат дека ова кривично дело било „неопходна и неизбежна правда“. Сè уште има политичари кои премногу плашливо зборуваат на оваа тема и тврдат дека се демократи. Затоа ми е драго што нашите напори се исплатија и учениците од втора година средно, веќе ја изучуваат историјата на комунизмот во Бугарија. Само објективно познавање на минатото може да ни ги даде потребните лекции за иднината “, напиша Борисов.
„Денес нашата земја е почитувана членка на ЕУ, што е гарант за почитување на човековите права и демократските принципи. Несомнено, илјадниците жртви се најболната, но не и единствената последица од комунистичкиот режим. Штетата врз економијата што ја оставија комунистите и нивните наследници, ја санираме до ден денешен! Истите овие наследници, денес префарбани во различни бои, повторно ја сакаат власта по секоја цена. И за оваа цел тие ги користат добро познатите методи – понижување и уништување на политичките противници. Ние ќе продолжиме да бидеме алтернатива на ова. „Заради скршените судбини пред кои се преклонуваме денес!“, вели бугарскиот премиер.
На 1 февруари 1945 година, Народниот суд осуди на смрт тројца регенти, 67 пратеници, министри, генерали и полковници од бугарската армија. Казните беа извршени истиот ден. Многу од роднините на обвинетите беа протерани пред или за време на судењето. Според извештајот на Државната безбедност, за девет месеци се раселени 28.131 лице а илјадници други се убиени.
Денот на благодарност и почит кон жртвите на комунистичкиот режим во Бугарија се слави на 1 февруари по предлог на претседателите на Бугарија Желјо Желев (1990-1997) и Петар Стојанов (1997-2002).