Премиерот Зоран Заев е во Софија заедно со владина делегација. Првата средба ја имаше со поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов. На средбата тој им порача дека, според агендата гледа дека ќе имаат голем број средби, но сепак додава дека нема ништо да се случи. Борисов вели дека техничката влада во Бугарија бега од одговорност, а иако ги има сите ингеренции, сепак ја префрла топката на парламентот, дека нема парламент и дека не можат да преговараат.
Како што вели Борисов, тоа не е така, можат да преговараат, дури да потпишат и нов договор. Воедно рече дека новата Влада на Бугарија постојано бега од одговорност и како што вели ги лажат европските партнери дека поддржуваат старт на преговори на Северна Македонија со ЕУ.
-Ќе имате многу состаноци денеска. Јас сум убеден, бидејќи ги познавам луѓето со кои ќе се сретнете денеска, особено за Радев, дека ќе ви кажат дека без парламент не можат ништо да направат. Тој повторно ќе ја префрли одговорноста на парламентот како претходно. Сегашната техничка влада ги има сите права и може да преговара со вас. Нов договор, ако нашиот не им се допаѓа. Но, ќе избегаат од одговорност, како што секогаш прават. Истовремено ги лажат евроатлантските партнери дека се за членство на Северна Македонија во ЕУ, порача Борисов.