Премиерот на Британија, Борис Џонсон откри дека наскоро ќе биде вакциниран со „АстраЗенека“, и покрај загриженоста низ цела Европа за извештаите за згрутчување на крвта.
Членовите на британскиот парламент го прашале Џонсон за прекинувањата на вакцинациите со вакцината на АстраЗенека во неколку земји, вклучувајќи ги Германија и Португалија.
„Можеби најдоброто што можам да го кажам за програмата за вакцинација со АстраЗенека е дека наскоро ќе ја примам вакцината, што ми е мило да го откријам“, им рече британскиот премиер.
„Дефинитивно ќе ја добијам вакцината Оксфорд / АстраЗенека”, додаде Џонсон.
Неговата најава предизвика новинарски прашања затоа што на Британците не им било дозволено да изберат која вакцина ќе ја примат.
“JCVI не советува да се дава предност на која било вакцина кај која било специфична популација. Од оперативни и програмски причини една вакцина може да се понуди под одредени услови пред друга вакцина”, објавило советодавното тело за вакцинација, JCVI.
Вакцинацијата во Европа е нарушена последните две недели поради извештаите за изолирани случаи на тромбоемболизам кај пациенти кои примале вакцина на AstraZeneca. Во Европа досега ја добиле вкупно над 17 милиони луѓе, се вели на веб-страницата на таа фармацевтска компанија.