На денешниот министерски совет за надворешни работи на ЕУ, министрите разговараа за Западен Балкан и Србија и Косово, каде работите можат да станат “многу опасни“.

Ова го изјави попладнево високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, на прес конференцијата по министерскиот совет на ЕУ.

Борел на крајот на минатата недела се сретна со косовскиот премиер, Албин Курти, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, во Париз, за овие средби денеска ги информираше 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.

-Потребно е да се намалат тензиите меѓу косовската и српската страна, овие тензии постигнуваат многу опасно ниво, се соочуваме со најопасната криза од 2013 и двете страни мораат веднаш да покажат итно подготвеност да ги смират тензиите, изјави Борел.

Тој се осврна на напуштањето на полициските и судските институции од страна на српската заедница на северот на Косово.

-Ова создаде вакуум на северот на Косово, овој вакуум е најлошото нешто што може да се случи, двете страни мораат да покажат флексибилност, потребен ни е јасен напредок, рече Борел, повикувајќи го Косово да покаже флексибилност за регистарските таблици и за етаблирањето на Заедницата на српски општини.

Шефот на ЕУ дипломатијата најави дека уште вечерва почнуваат нови консултации со двете страни во дијалогот Белград-Приштина. Косовските претставници од преговарачкиот тим пристигнуваат вечерва, рече тој.

Целта е дека се постигне излез од ќор сокакот пред 26 ноември, што е рокот за регистарските таблици за српската заедница на Косово. Борел додаде дека е подготвен за лидерска среда со Курти и Вучиќ пред 26 ноември за изнаоѓање практично решение.