Во време кога известувањето на независните и слободните медиуми е поважно од било кога, слободата на медиумите сè уште е загрозена, се вели во изјавата на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на по повод Светскиот ден на слободата на медиумите 3 мај.
– Новинарите сè уште се соочуваат со тешки услови за работа со зголемен финансиски и политички притисок, надзор, арбитрарни затворски казни или насилство поради тоа што ја вршат својата работа, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС).
Според податоците на Опсерваторијата на УНЕСКО, од 2020 година ширум светот убиени се 76 новинари, додека многумина се уапсени, малтретирани или добиле закани.
– Особено загрижувачко е родовото насилство насочено кон новинарките, истакнува Борел во изјавата.
Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се клучни приоритети на новиот Акциски план за човекови права и демократија, како и на Акцискиот план за европска демократија.
ЕУ презеде важни активности за поддршка на новинари, независните медиуми и борбата против дезинформации во контекст на пандемија во многу региони, се вели во соопштението.
– Слободата на информирање и слободата на говорот мора секаде да бидат промовирани и заштитени. Тоа е во интерес на сите. ЕУ ќе продолжи да зборува против секакво ограничување на слободата на изразување и цензура, без разлика дали е на интернет или вон него, а со кои се крши меѓународното право, наведува Борел.
– Слободата на медиумите и печатот е камен-темелник на демократските општества кои можат да напредуваат само ако граѓаните имаат пристап до сигурни информации и можат да направат избори засновани на информираност. Слободата на медиумите значи безбедност за сите, заклучи Борел.