Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел пред денешната неформалната вечера со лидерите од Западен Балкан во Брисел, изјави дека поголемиот број партнери на ЕУ во регионот се целосно усогласени со одговорот на Унијата на руската агресија од првиот ден на војната во Украина.
Тој наведе дека Западен Балкан останува стратешки приоритет за ЕУ, истакнувајќи ја потребата ЕУ и регионот „да останат обединети“ и „да ги преземат неопходните чекори заедно за да обезбедат безбедна, стабилна и просперитетна Европа“.
– Тоа е во наш заеднички интерес. Тоа е најдобриот начин да се изгради иднина за Западен Балкан бидејќи иднината на Западен Балкан е во рамките на ЕУ и тоа е многу силна причина за вечерашната средба, посочи Борел.
Тој додаде дека „добро е да се има колективна, стратешка, отворена размена на мислења“ за предизвиците во регионот и заедничката европска иднина, особено во овие денови кога војната е на границите на ЕУ.
– Денеска ќе биде добра можност да се разгледа глобалното и регионалното влијание на оваа незаконска војна против меѓународниот поредок. Сакам да разговарам со нашите најблиски партнери, лидерите на идните членки на ЕУ, за тоа како можеме да одговориме на последиците од војната заедно, истакна Борел.
Тој додаде дека Русија се обидува да ја искористи ранливоста на ЕУ и на Западен Балкан и поради тоа двете страни треба да соработуваат и да не дозволат Москва да успее.
На традиционалната неформална вечера на лидерите од Западен Балкан со шефот на европската дипломатија ќе бидат премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателите на Србија и Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала и српскиот член во Претседателството на БиХ, Милорад Додик.