Договор во кој приватникот треба да изгради две монтажни катни гаражи и да одвојува еден отсто од годишниот приход за државата, а граѓаните да плаќаат поскап паркинг отколку досега е на штета на јавниот интерес, вели за „Макфакс“ Зоран Лазаревски, претседател на Алијансата за јавно -приватно партнерство Ц.Р.Е.А.М., заедница за реализација европска помош.  Без двоумење, вели дека сите досегашни процедури треба да се поништат, а министерот за здравство и Владата да преземат повнимателни чекори и на нов оглас навистина да го заштитат јавниот интерес.

„Ова партнерство за мене е преседан. Не навлегувам во тоа  дали е запазена процедурата за јавно-приватни партнерство за што има конкретно пропишани постапки, има надлежни институции кои може и треба да проверат. Овде јас се прашувам кој е интересот на граѓаните, кој јавниот интерес, оти овде јавен интерес не е интересот на институцијата туку на граѓаните. Воопшто го нема ако граѓаните мораат да платат паркинг, притоа и поскап отколку досега. За да се спроведе едно јавно – приватни партнерство на право место треба да е јавниот интерес кој со физибилити студија го пропишува Владата. Јавниот интерес, односно интересот на граѓаните, не е заштитен со 50 денари за час паркирање. Можело тоа да биде барем привилегирана цена, на пример половина од сегашната, иако има начини и паркирањето да биде бесплатно за граѓаните на сметка на други услуги кои во Клиничкиот центар можат да бидат на принципот јавно-приватни партнерство кои би му носеле профит на приватникот“, вели Лазаревски.

Министерот за здравство Арбен Таравари денес објасни дека договорот со албанската компанија „Ѓока констракшн“ единствената пријавена за јавно – приватно партнерство за паркирањето во Клиничкиот центар, се уште не е потпишан. Поминати се сите постапки во Министерството за здравство, но пред да биде потпишан, треба да помине уште неколку филтри во Владата. Министерот Таравари рече дека доколку Владата не го одобри при филтрирањето и доколку граѓаните се против ваков договор, тој нема да го потпише и ќе ја поништи постапката.

Текстот Болните не треба да плаќаат паркинг, Таравари и Владата да ги заштитат граѓаните, а не приватникот, има решенија, вели Лазаревски, експертот за ЈПП е превземен од МАКФАКС.