Бојан Јовановски -Боки 13 и Фросина Ременски обвинети во предметот „Меѓународен сојуз“ денеска побараа изземање на обвинителката Вилма Русковска. Според образложението на Јовановски барањето за изземање на обвинителката е поради новонастанати околности, односно по обработката на дел од податоците од неговиот мобилен телефон кој судот му го вратил.
На денешното судење, наместо изведување докази, Боки 13 повторно побара изземање на Русковска. Кон ова барање се приклучи и Ременски. Ваквото барање следува откако судот на Јовановски му дозволи да ги добие како докази податоците од неговиот мобилен телефон, нешто што тој го бараше и во претходниот предмет „Рекет“ каде е неправосилно осуден.
Јовановски рече дека во мобилниот поседува комуникации од разни апликации кои покажуваат дека Русковска постапувала пристрасно. Јовановски вели дека имал пораки во кои Русковска за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева употребувала навредливи зборови.
Ременски додаде дека тоа се нови околности и дека Русковска треба да биде изземена.