Додека енергенсите драматично поскапуваат во пресрет на претстојната зима, многу граѓани во Скопје ќе се соочат со проблеми како да ги затоплат своите домови. Голем дел од овие граѓани живеат во сиромаштија и социјална исклученост и немаат пристап до струја или централно греење. Но, сепак тие не се најголеми загадувачи на главниот град, туку оние кои имаат најголеми примања, над 40 илјади денари месечно, главно поради нивните навики и количините кои ги конзумираат, објави Радио Слободна Европа.
Ова се резултати добиени од истражување на граѓанската организација Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) насловено „Справување со загадувањето на воздухот преку минимизирање на енергетската сиромаштија и промовирање на про-еколошко однесување“, изработено со помош на УНДП и Шведската амбасада во Скопје.
Истражувањето е направено врз основа на анкета со 1.003 испитаници во Скопје, а во кое се анализира поврзаноста на енергетската сиромаштија, загадувањето на воздухот и про-еколошкото однесување во три социо-еколошки профили на луѓе: правата група на луѓе со приход до 25.000 денари во семејство, втората меѓу 25.000 и 40.000 денари во семејство и третата со над 40.000 денари во семејство месечно.
„Разликите се многу големи, и во однесувањето спрема потрошувачката на енергија, меѓутоа се огромни и во однос на изборите и можностите коишто тие ги имаат. Ние во анализата се водевме по методот: можности, мотивација и избор и заклучивме дека сегашните мерки за намалување на загадувањето не се доволни, бидејќи не ја таргетираат целата популација и само еден дел од неа може да искористи дел од мерките“, рече Билјана Дуковска – претседателка на Македонска платформа против сиромаштија.























