Министерот за транспорт врски, Благој Бочварски денеска потврди дека меѓу комисиите за транспорт и инфрастуруктура на владите на Северна Македонија и Бугарија е разговарано за изградба на интерконтекторот за гас од Петрич до Струмица.
-Со министерот за енергетика на Бугарија веќе разговарав и побарав тоа да биде еден од идните приоритети на двете држави. Министерот ме информираше дека ќе се заложи да ги разгледа сите состојби моментално коишто ги има во Бугарија, но и ние од наша страна и потоа секако ресорните министерства. Овде зборувам за Министерството за економија и транспорт и врски како дел од единицата која што работи на изградба на магистралните гасоводи заедно со бугарската страна да преминеме кон оваа постапка.Тоа е дел од разговорите и е еден од приоритетите за да направиме и можност за економијата и да имаме поевтин енергенс за граѓаните на Општина Струмица, бидејќи знаеме дека овде мрежата е доста разгранета со преку 40 километри секундарна гасификациона мрежа. Тоа е добра можност таа директно да се приклучи на овој интерконективен гасовод и веднаш да биде во функција, рече министерот Бочварски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Струмица.
Тој додаде дека се работи и на проектната документација за приклучување на интерконекторот за гас со Грција кај Неготино и според него се прави се да се влезе што побргу во реализација на овој проект со цел државата да добие уште еден приклучок на гас, покрај едниот кој го има преку источната страна од кај Крива Паланка.