Изградбата и комплетирањето на автопатските делници Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево и Требеништа-Струга-Ќафасан се наоѓаат во плановите на оваа Влада и на тоа се работи посветено, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски одговорајќи на новинарско прашање по неговата посета на Гостивар.
Тој очекува годинава американско-турска компанија „Bechtel – ЕNKA“ да започне со работа на делниците на паневропските коридори. На прашањето кога ќе се започне со реконструкцијата и надградбата на делницата низ Полошката рамница, министерот појасни дека во моментов во ЈП Државни патишта има постапка за избор на консултантска куќа, која доколку биде избрана, ќе влезе во директни преговори со „Бехтел“ компанијата која е определна да работи на овие делници, за што е изгласан закон во Собранието.
– Сакам да ги уверам граѓаните дека Владата води грижа за завршувањето на Коридорот 8. Очекувам оваа година да почне неговата реализација и таа да продолжи наредните години, со оглед дека се работи за обемен инфраструктурен зафат. Патниот правец Гостивар-Тетово е дел од тој коридор и е плановите на Владата за реконструкција и надградба, исто како и останатите на овој коридор, рече министерот Бочварски.
Тој нагласи дека со овие планови на Владата е опфатен и коридирот 10де, односно делницата Прилеп-Битола, потенцирајќи дека Владата е силно посветена на изградба на модерна и безбедна патна инфраструктура и реконструкција на останатите патни правци во државата на кои тоа им е потребно.