Транспортерите не се очекува да имаат проблеми во транспортот на стоки наредниот период, рече денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Одговорајќи на новинарско прашање за проблемите на транспортерите откако државава е симната од листата на безбедни земји за патување, Бочварски истакна дека досега успешно функционирале „зелените“ рути.
Според министерот, регионот одлично соработува, а владината одлука донесена на барање на здруженијата на транспортерите, да не се подложни на тестирања и карантини при влез во земјава и да не се третираат како другите граѓани, им помогнала на транспортерите. Тоа фунционира, дополни Бочварски, и во другите земји.
-Транспортерите транзитираат непречено. На седницата на Владата во вторникот донесовме мерки за олеснување на транспортерите, посебно на возачите кои се изземени од протоколите на влезо во државава, тоа е за домашните транспортери, но и за странските кои транзитираат. Правиме напори и преку зелените рути и коридори. Во целиот изминат период успеавме успешно да се справиме со овој аспект, зашто тие транспортери и транспортот на стока, на лекови и на храна, се одвиваше непречено и тие мораа да стигнат навреме таму каде се упатиле. Јас сум задоволен од досегашната соработка со целиот регион, зелените рути и тоа како профункционираа и верувам дека ќе продолжат со истото темпо, така што, во овој момент не очекувам дека транспортерите ќе имаат каков било застој или проблеми зашто, тие во најголем дел од земјите се изземени од најголем број пртоколи кои се за граѓаните, изјави Бочварски.